ПРИЛЕП трча за лицата со церебрална парализа
Над 1.000 учесници беа дел од рекреативно-донаторската трка во должина од 5 км во централното градско подрачје, под мотото „Трчаме заедно за лицата со церебрална парализа“. Овој настан е во организација на Општина Прилеп, „ГЕНТЕРМ Македонија“, „Комфи Ангел“ и Регионалната канцеларија на Стопанската комора.
За секој учесник во трчањето, Општина Прилеп обезбеди благодарници. Котизацијата за учество на трката е 100 денари, средства што хуманите граѓани ги уплатија на буџетската сметка на Општина Прилеп. Собраните средства ќе бидат наменети за набавка на дел од потребната опрема за дневниот центар за лица со церебрална парализа, што ќе биде отворен во јули, годинава. Општина Прилеп во првата фаза учествува со 2.5 милиони денари, кои се средства пренаменети од буџетот на Општина Прилеп, со одлука на Советот на Општина Прилеп. Средствата ќе бидат искористени за набавка на опрема и специјално возило за транспорт на лицата од нивните домови до Центарот. После отворањето на Центарот, тековните трошоци за одржување на Центарот и храната за лицата кои ќе престојуваат во Центарот, ќе бидат во целост на товар на Општина Прилеп.
Со ставање во функција на дневниот центар, после Скопје, Прилеп ќе биде
втор град во државата, кој што ќе отвори ваков центар, со капацитет на згрижување од 25 до 30 штитеници.
Родителите на децата со церебрална парализа велат дека сега конечно ќе имаат можност каде да ги оставаат преку денот своите деца и дека конечно ќе можат да се вработат.
„Овој центар е потреба за нас родителите и за нашите деца, за да бидат згрижени во Центарот. Досега сме немале можност да одиме на работа, бидејќи сме немале кому да ги оставиме децата, немало услови за тоа“ - вели Билјана Стојческа, родител на дете со церебрална парализа.
„Не само што правиме нешто добро, гледате дека колективната свест и општото задоволство е очигледно и сите се среќни. Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на вработените во Комфи Ангел на нивниот одзив и на нивното партиципирање кое во овој момент е 480 партиципиенти. Се надевам дека во континуитет сите ние заедно стопанството и граѓанскиот сектор ќе продолжиме да работиме заеднички проекти и ќе помагаме на оние на кого тоа им е најнеопхопдно“ - порача Ирена Јакимоска, претседател на Регионална стопанска комора во Прилеп.
„Многу сум среќен што сум дел од оваа хуманитарна активност, ние како компанија имаме приоритет да се грижиме за децата и болните лица, ова е наша прва ваква иницијатива и се надевам дека нема да биде последна“ - рече Андреј Хасинец, генерален менаџер на „Гентерм“.
Градоначалникот Илија Јованоски најави дека оваа трка ќе прерасне во традиционална. „Мислам дека оваа општествена одговорност која што ја покажуваат компаниите, наредната година ќе ја продолжиме и ќе им помагаме на сите оние кои имаат потреба“ - изјави Јованоски.
Новинар: Мартина Билјаровска
Фотографија: Божидар Цветкоски