Можна ли е природата како култура?
Се чини дека не само што е можна природата како култура туку и дека неопходно е природата да се гледа како неодвоив дел од културата, пред сè како нејзина инспирација.
„Во времето кога човекот претежно живеел “природен живот”, занимавајќи се со собирање плодови, лов, риболов, на ум не му паѓала културата, како нешто што би било различно од природата, општеството, и од него самиот. Во едноставно општество, кое бавно се развива, човекот е слеан со својата култура. Обичаите, верувањата, како и усвоените општествени норми, му изгледаат единствено можни, и единствено вистинити, бидејќи не се разликуваат од неговиот живот“ (цитат на рускиот научник во полето на зоологијата и екологијата - Соколов, Е.В. (2001), Културологија: Огледи за теорија на културата.)
Овој став на Соколов во целост е во прилог на погоре споменатото дека природата е неодвоив дел од културата. Реалноста е дека културата и природата не се спротивставени, туку се меѓузависни рамноправни категории. Нивната меѓузависност е поинтересна ако се има предвид дека идеите кои ги црпи културата потекнуваат од природата. Доказ за оваа меѓусебна испреплетеност и неможност да се постави граница до каде завршува природата и од каде почнува културата, може да се најде во едно мало парче рај недалеку од Прилеп т.е. прочуената Вила Димкар.
Вила Димкар e викендица која има простор од 2 хектари специфично уреден простор за уживање и за изнајмување, но тоа не е бизнис, затоа што парите се само за одржување на местото. За време на викендите, вилата е домаќин на многубројни гости кои своите прослави сакаат да ги овековечат во една автентична атмосфера. Штом зачекорите во овој неверојатен спој на природата и културата, ве пречекуваат изрезбарените зборови во дрво „Во оваа куќа љубов царува“.
Па, одговор на прашањето кој и како може да ја обнови исконската врска помеѓу природата и културата како едно, лежи токму на ова место.
Миле Димкароски, билкар, сопственик на Вила Димкар и автор на скулптурите раскажува дека „посветеноста, љубовта и работата се формула за ваквиот спој на културата и природата“. Тој се присетува дека уште откако знае за себе се интересира за билките, за природата и затоа се занимава со ваквата работа. Неговите необични скулптури означуваат средба на културата и природата.
Димкароски интересот кон природата и природното и одразот на општеството како што тој го видел ги замешува во еден нативистички уметнички сензибилитет. Тој не е оптеретен со техника, ниту пак со јазикот на уметноста. Заради тоа, тој прави една мошне интересна средба која е негов личен одговор на тајните на животот и природата. Тој го облагородил својот мини простор со своето разбирање на светот.
На прашањето како започнува еден ден на прочуениот билкар во Прилеп, Димкароски со блага насмевка одговара дека неговиот ден „започнува со чај.“ Погодивте, нели?
Новинар: Мартина Билјаровска
Фотографијa: Билјана Николоска