Економија: Додадена вредност или подадено мито?

maj 16 2019

„Треба да си нездрав, па да инвестираш во висока технологија, кога ти е поефтино да инвестираш во добивањето тендери“ – тоа ми беше одговорот од бизнисмен – градежник, кој цел живот работи како подизведувач, а не може да купи ниту скап автомобил, камоли друго. Другите на масата ладнокрвно климнаа со главите, како за тоа и да не треба да се говори, затоа што се подразбира.

Зар на градежник не му е потребен нов кран, булдожер, генератор...?

           Приказната тргнува од тендерите. Секој владин или институционален тендер, кој е со пристојна сума, е местен уште од самиот почеток. Политичарот нема да изгласа нешто да се гради, ако однапред не знае како да си го земе „делот“. Така, одлуките зависат од најмоќните во кругот на политичка моќ, што значи дека тендерите зависат од перачите, а не од потребите. Ќе се гради само она што е доходовно за политичарите. Тоа одма станува врвен приоритет на државата.

Потоа доаѓа местенката на тендерските барања, со општите и посебни одредби за бонитет на изведувачот. Манипулацијата е проста: Бараш само она што „твојот понудувач“ има. Ако имал три милиони евра влез во фирмата, ти бараш кандидатот да има 3 милиони евра приход – минатата година. Ако има 12 инжињери, ти бараш токму толку. Ако има лабораторија за .... ти бараш кандидатот да има лабораторија и сл. Ако е единствен што работи со лискун, ти бараш токму тоа, независно фактот дека лискун и не мора да биде користен.

На самото наддавање (негативно) или во отворањето на затворените понуди, работата е веќе завршена. Сите оние, кои можеле да се јават на тендерот (задоволуваат критериуми) се веќе контактирани да не се појавуваат на тендерот или да имаат повисоки понуди. За возврат, тие ќе добијат друга „тезга“, на која ти нема да им бидеш конкурент.

           Сепак, ако тендерот го добие некој, кој „не е наш“, следува жалба и поништување на тендерот, а потоа „сѐ ново наново“, со нови барања, кои „непланираниот“ не ги задоволува или со дил со него, дека ќе му дадат нешто друго да работи.

Ова е многу важно, затоа што ако заработката не е многу голема, митото, кое треба да се врати е премало за вкусот на политичарот, кој „ти го дал“ тендерот. Овие суми, во времето на Груевски беа неверојатни. По квалификувана проценка на врвни познавачи на градежно – тендерските заврзлами, сумата за изведба на одредени работи биле од 400 до 1600 проценти повисоки од реалните (од 4 до 16 пати), но можела да биде и 30 пати поголема. Имаше случај каде изведувач асфалтирал цела улица, но заборавил да стави канализација. Нема проблем. Одма ја прекопаа, ставија канализација, па повторно асфатилтираа. Да не е заработката толку огромна, секој нормален проект би пропаднал во момент. Овде – како комарец да ги каснал.

Но, ова не е се. За да се постигне реално потрошените пари за еден проект да бидат што помали, а заработката максимализирана, властите прибегнуваа/т (?) кон серија други злоупотреби и квазизаконски мајмунлаци.

Најпрво, изведувачите мораат да лобираат во Министерство за финансии и во матичната институција парите да им бидат префрлени што побргу. Се разбира, за тоа им треба политичар со моќ. Имено, Груевски сѝ изгласа закон дека порачателот не мора да му плати цели 2 години на изведувачот, ако така сака (ако е тоа владин порачател, но тоа не важи и за приватниците), па и тоа „влегуваше во цената“ на политичка заштита.

Второ се ДУП – овите и дозволите за градба. Тоа е неверојатна приказна, која не е за секого, туку само за одбраните и блиски на властите и градежната мафија. При самата промена на ДУП – овите, добро се знае за кого е нештото наменето, посебно ако се работи за државно земјиште, земјиште под владение на некое јавно претпријатие, земјиште кое е под некаков спор или нерегулираност или во постапка за денационализација. Заради тоа градежно неизградено земјиште, колку и да е атрактивно, не може многу да вреди во рацете на обичен човек, па нека има милиони свои пари. Тој нема да може да добие било каква промена на ДУП – от, специфична „маркицата за градба“, ниту да издејствува дозвола за градба. Дури и ако успее, му следуваат милион опструкции од општинските урбанистички власти, кои ќе го исцицаат, или стопираат, па нема да може да ја заврши градбата. Рековме, само во рацете на „правите играчи“ градежното земјиште има вредност. Другите можат да садат домати и пиперки на него или да отворат трафика за гевреци. Заради тоа се цените на куќите толку паднати, додека се становите прескапи, како становите да се градат на небо, а не на земја – која има газда.

Кога „нашите“ градат (под „нашите“ не се мисли само на партијата), сѐ е дозволено, па дури и доделување на тротоарот за „оформување парцела“.

За да се остварат овие операции, имаме серија деловни субјекти од областа на урбанизмот и градежништвото, кои се под директна контрола на властите и/или градежната мафија. Ним не им е проблем во надзорот да ти пишат дека си ставил 10 тони железо во 1 метар кубен бетон, дека хантер – дагласот може да биде и од кнауф, дека зградата нема 5 спрата, туку 3, со приземје и таванска галерија.

Како сето ова влијае на продуктивноста и повисока технолошка опрема и машини на фирмите?

Просто. Што ќе му е на бизнисмен да купува скапи машини, кога знае дека нема да го добие тендерот, оти не е политички или криминално близок до властите и (секогаш) со нив поврзаната мафија. Тој знае дека човек – фирма ќе го добие тендерот, а ако не, тоа ќе биде друга фирма, која само „ги поминува парите“, како изведувач, а ќе работи посакуваниот подизведувач. Кој сака на таквиот пазар, ќе биде подизведувач, за мали пари и ќе му биде платено кога изведувачот ќе посака (така контролира дали поизведувачот ги враќа испраните пари до политичарите, ако избрале „перач“ да биде подизведувачот, а не изведувачот).

Самиот тендер мора да биде многу поскап од реалната цена, затоа што треба многу „подмачкување“ на цела булумента криминалци од тој бизнис, без кои не е можно парите да се вратат до политичарот.

           Со тоа, многу е подоходовно и поизвесно да инвестираш во корупција, отколку во повисока технологија и да бидеш поконкурентен. Затоа партиите имаат многу „донации“, кои не ги објавуваат, туку „ги поминуваат“ преку партиските членови како „приватни донации“. Одговорно тврдам: Никој – никогаш не дал „приватна донација“ во партија, ако не му ги дале од партија, „да ги уплати“.

           Понатаму, фирмите не можат да го предвидат и израчунат ризикот, па не се расположени за инвестирање во опрема, машини и сл. Тие, едноставно, покрај оправданите, имаат серија неоправдани стравови во врска со инспекциите и нерамномерниот инспекциски надзор, можноста властите „да ги пропаднат“ со нелојална конкуренција и/или злоупотреби, но најмногу со промените на законите и воведувањето фискални, царински и нефискални давачки.

Тоа е следно.

TVIT SLIKA99

Вложувањето во технологија е обратно пропорционално на можноста да добиеш тендер

 

Александар Цветкоски

 

DISKLAMER OTV MAK 800

 

baner

Saint Art Designs / Web Development

Saint Art Designs / Web Development

Prijatelji sajta

Safe Journalism HND Solidarna Actat Kvart komesarijat-za-izbeglice XXZ Pescanik logoo mirc NGTim