Дали локалните медиуми можат да функционираат самостојно или неопходни им се субвенции од централната и локална власт?
Во Македонија телевизијата е оставена на стихија и случајност. Ист случај е со социјалните медиуми, па било да се работи за интернет ТВ, Фејсбук страни или блогови. Главно, се зависи од инвентивноста на единките. Вообичаено, телевизиите и нивниот изглед би требало да се димензионирани спрема самата заедница и кои теми ги покриваат. А со тоа може да се апроксимира какви медиуми ни требаат. Специфичниот вкус и демократското ниво во Пелагонискиот регион, политичките настани, потреби на бизнис секторот и локалната администрација, неминовно влијаат на обемот и есенцијалноста на Телевизиите. Со тоа Прилеп има специфично опкружување кое новинарските инстинкти го познаваат, но подетална сегментација на целните групи не е направена. Главно, секој има мислење кое потекнува од неговото седиште и позиција.
Прашањето останува: Каква ТВ му е потребна на Прилеп?
Со цел, барем да се постави базична апроксимација на можноста Прилеп да добие отворен медиумски опреатор кој воглавно ќе ги задоволува потребите на споменатите стејкхолдери и грашаните, АГТИС организираше стручен панел на кој беа поканети претставници од локални медиуми, а во улога на модерација и експерти во таа област беа политичкиот аналитичар Сашо Орданоски и комуникологот Петар Арсовски.
„Ние знаеме дека на локално ниво, па дури и на државно, многу е тешко да се прават медиуми кои ќе опстојуваат само од комерцијални интереси. Затоа мислам дека сега е добро време да се дебатира за тоа со оглед на промената на власта во Македонија, како еден нов почеток за целата демократија во државата после еден период на недоумици и падови низ кои поминавме. Јас лично мислам дека локалните медиуми не можат да опстанат доколку не се предмет на одредени субвенции кои ќе доаѓаат од централно и локално ниво и тоа субвенции кои не мора да бидат во обем да ги остават медиумите да бидат комотни во своето однесување, но барем да ја поддржат нивната елементарна функционалност и второ тие субвенции да бидат поделени според јасни и транспарентни критериуми. Секој однапред да ги знае празвилата на играта и да се надева дека во една фер конкуренција ќе има достап до одредена поддршка која што ќе му помогне на тој медиум да опстане. Речиси и да не познавам европска држава каде што тие медиуми не се субвенционирани, и во Холандија, Норвешка и Франција тие медиуми се субвенционирани, само што се субвенционирани на еден начин кој гарантира транспарентност и фер во критериумите. Затоа мислам дека преку, веројатно Здружението на Новинари на Македонија, која што е сепак една силна институција која ги застапува нашите професионални интереси, би требало повторно да се покрене таа инаку дебатирана тема во Македонија изминативе 30 години, како да се обидеме на локално ниво да дојдеме до некаква субвенционирана помош за опстојување и за растење на локалните медиуми. Таа дебата нема да биде лесна, бидејќи знаете, пари нема... но ние гледаме дека кога политичкиот интерес постои, градоначалниците сакаат да даваат пари, а потоа да се сликаат за телевизиите, да даваат коментари за порталите, радијата, коишто тие ги финансираат. Се мисли на нивниот буџет, иако тој буџет е во суштина буџет на граѓаните кои живеат во општината“ - истакна Сашо Орданоски.
„Начинот како да се обезбеди функционирање, независност и егзистенција за локалните медиуми, бидејќи тие често се соочуваат со егзистенцијална криза, е дебата која трае секаде во светот и во најразвиените демократии и морам да кажам дека крајно решение никој досега не успеал да донесе. Тешко се опстанува на локално ниво, особено на еден ваков мал пазар, ние немаме локални моќни економии, така што ќе мора да постои некаква интервенција од страна на државата. Ние освен финасирањето преку овие проекти на Советот за радио дифузија, сега Агенцијата за медиумски аудио и аудио-визуелни услуги од државата немаме други субвенции. Мислам дека тоа треба да се подразмисли како некаков модел, бидејќи локалните медиуми имаат подиректна врска со граѓаните. Поживи се, најчесто се поблиску до локалната самоуправа и локалните теми, така што, ваквите дебати кои евентуално би ја поттикнале јавната свест околу овие проблеми треба да се поддржат. И нема тука некаков модел, некакво волшебно стапче со кое би ги решиле сите овие проблеми, освен да повикаме на тоа дека државата мора да се активира за да ги спаси локалните медиуми бидејќи тие де факто, имајќи ја предвид ситуацијата и со економијата и со политиката на национално ниво, се во изумирање“, изјави Петар Арсовски, аналитичар и комуниколог.
„Оценето е дека во Прилеп и воопшто во Македонија скоро сите локални телевизии одат надолу и пропаѓаат. Оценето е дека тие кои се финасираат имаат отворена или скриена партиска агенда што од друга страна доведува до подвоеност на вестите како што има во цела Македонија, но исто така нема покривање на локални проблеми, ги нема малите приказни. Ја нема едукацијата на граѓаните и граѓанското новинарство кое треба да ги фати политичарите на дело и да ги види лошите насоки на водење на една општина, лошите насоки на функционирање на одредена национална или локална институција. Сетоа тоа отвора низа прашања зошто тоа се случува, и ние како една аматерска организација, ние од АГТИС сме единствените аматери меѓу сите вас овде, сакавме да поттикнеме една расправа, затоа што ние сме реципиенти на тие вести, а многу пати тие не изненадиле и се прашувавме зошто баш така“, вели Александар Цветкоски, претседател на АГТИС.
Новинар од АГТИС: Мартина Билјаровска
Фото: Благица Цветкоска