Реформите не носат чипкани гаќи, но можат да „крварат“

maj 03 2019

Реформите се сложена работа, но не и за експертите. Тие или работат на некоја реформа или имаат друга работа, па најчесто и не ги следат. Ако и ги следат, не им е работа за тоа да ја известуваат јавноста. Ако работат, тие не се расположени за информации – надвор од штурите соопштенија, кои се насочени кон јавноста. Информациите се штури, затоа што нема да бидат интересни и разбирливи, ако бидат претставени во правнички жаргон (прецизно). Тоа е „замката на неразбирливоста“:

ако си конкретен - ти си неразбирлив,

ако говориш општо - ти си сувопарен и досаден,

ако знаеш како да информираш „раја“, тоа не ти е работа.

             Затоа владеат политичарите, а не експертите. Ако им политичарите, тие ќе ја известат јавноста за таа да разбере, ако не, ќе ја излажат.

Тие знаат како да говорат со „народот“, не се грижат ако е информацијата вулгаризација на вистината, мува не ги лази да излажат, да ја „препакуваат“ вистината и своите намери, доволно се славни и моќни јавноста да ги чуе. Имаат пари, портпароли, „свои“ медиуми, намера да владеат што послободно и подолго и незаситна желба за близок контакт со буџетот.

             Тогаш, што тогаш правиме со овој текст, освен што ви го трошиме времето?

             Ние, најпрво, им помагаме на новинарите, кои (нели) не морат да бидат и експерти во некоја област, нивните медиски куќи не се толку богати да плаќаат експерти од секоја област, кои постојано ќе ги следат реформите, а и да сакаат да платат такво нешто, нема да добијат она што им треба – медиски напис за аудиториум, а не сувопарно цитирање промени на закони. Тоа е приказната. Новинарот не може да биде и правник и ИТ експерт и експерт за јавна администрација... а пак експертот не може да биде новинар, па да се насочи кон разбирливоста на пишаното, наместо кон суштината на промената. Новинарството е пазар, а на таквиот „пазар“ не поминуваат таквите досадни информации. Реформите немаат ниту чипкани гаќи, ниту крварат, иако можат да бидат поубиствени од бомба.

Невладините организации можат овде да се најдат, иако не се ниту експертски организации, ниту новинари. Решението е да бидат посредници помеѓу светот на досадните и сувопарни политики на институциите (тоa се реформи: Нови политики) и граѓаните. Ако на тој „пат“ бидат инволвирани и медиумите – полна капа. Има и други начини, но за секој од нив, НВОите мораат да бидат интересни, да се факторизираат, да се наметнат.

Така, доаѓаме до странското финансирање на работата на малкубројните постручни НВОи и на оние НВОи, кои знаат да бидат посредници помеѓу граѓаните и властите. Ова е просто до болка: Странските пари прават нешто што не е наша секојдневна работа, да стане наша секојдневна работа. Сепак, работата е во тоа да научиш да ги мониторираш владините потези и реформите и до јавноста да пласираш интересни работи за реформите, кои можат да се прераскажуваат и како хумор и како карикатура и како драмска перформанса и како разбирлив текст. Тоа е вештина која „живее“ помеѓу светот на експертите и светот на медиумите. Тоа е специфичен говор, со кој сакаме да ги мотивираме медиумите да истражуваат и да говорат за реформите и за нивните „скокотливи“ делови.

За возврат, ние ќе завршиме добар дел од тешката работа, за која тие и немаат пари: ќе прочитаме што Владата изјавила за одреден закон, ќе го споредиме тоа со нивните ветувања, ќе видиме дали е тоа напишано и во планските акти, годишните програми, повеќегодишните планови... ќе видиме што сѐ работело на тоа поле порано, што странските мониторинг и експертски организации мислат за тоа, што рекол Прибе, Европската Комисија, каков е текстот на законите и дали тие предлози претставуваат некакво „решение“ или само нов хохштаплерлук, за полесно крадење, партизација и концентрација на моќ.

Ете, тоа ќе го презентираме пред медиумите и јавноста.

Тешка работа, но немојте да нѐ жалите. Нам нѝ е тоа работа, затоа што, ем сакаме подобра држава, ем сме платени да ѝ „помагаме“ на Владата и институциите. Да не нѝ беше такво општеството, немаше да нѝ бидат потребни странските грантови, туку само кафе - муабет со некој од експертите, но партиите се погрижија да ги замолчат експертите, да ги исклучат од општите токови на промените, да воспостават правен лавиринт и често менување и дополнување на законите, да ги исплашат учените, да ги охрабрат бескрупулозните и да го срушат системот на граѓанска љубопитност, чиј мозок бара нешто - на што може да верува. Другите, најчесто помладите, бараат чипкани гаќи и добро препознатливи човечки брендови од светот на забавата, а уште повеќе вести кои „крварат“.

Можеби звучи грубо, но нам ни е работа на реформите да им ставиме чипкани гаќи, барем на почетокот, додека читачот/гледачот сфати дека тоа што го чита е важно и му помага да изгради ставови. Ако има ставови – гласа поинаку, бара поинаку, „не се пали“ на национализми, туку на корупција и нарушени права. Тоа политичарите „ќе го фатат“ со анкетите и ќе ги одврати од „следната свињарија“. Затоа е важно да ги убедиме политичарите дека нивото на политичка култура расне.

Па, да започнеме со самоедукација и со убедување до новинарите дека „незгодните прашања можат да крварат“ доволно за пристојна гледаност.

TVIT

Не е потполна вистина, но не е ниту лага. Зар тврдењата на Мицковски и Заев ви звучат повистинито?

 

Александар Цветкоски

 

DISKLAMER OTV MAK 800

Prijatelji sajta

Safe Journalism HND Solidarna Actat Kvart komesarijat-za-izbeglice XXZ Pescanik logoo mirc NGTim